
Здружението на финансиските работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија – Велес на ден 26.05.2025 година ја одржа првата од четирите регионални обуки на тема: „Управување на јавните набавки – новини и најчесто поставувани прашања“.
Обуките се дел од активностите во рамките на проектот: „Итни и прецизни обуки за новините во јавните набавки“, кој е поддржан со ад хок грант на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD) од Босна и Херцеговина, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Целта на работилниците е обезбедување стручен, директен, сеопфатен и интерактивен пристап, преку обезбедување одговори на поставените прашања, компетенти и прецизни насоки за постапување во контекст на новините во Законот за јавните набавки, објавени во „Службен Весник на РСМ“ број 14 од 23.01.2025 година, а се со цел поддршка на функционирањето на ефикасен и ефективен систем за јавни набавки.
На обуката учествуваа вкупно 18 учесници од 9 општини од Вардарскиот плански регион и од Пелагонискиот плански регион. Дополнителна вредност на обуката беше искажаниот интерес и активното учество на еден вработен во општинска градинка, јавно комунално претпријатие и еден општински советник.
По претставувањето на Проектот: „Итни и прецизни обуки за новините во јавните набавки“, беа обработени темите:
- Кои се новините кај јавните набавки и како договорните органи да ги следат и усогласат своите интерни процедури при постапување?
- Како понудувачите да ги подготвуваат и поднесуваат понудите?
- Најчести прашања и дилеми при спроведување на постапките за јавните набавки
- Административна проверка
- Правна заштита во постапките за јавни набавки
Учесниците ги проследија презентациите, поставуваа прашања и добиваа одговори од д-р Маре Богева Мицовска, професионален обучувач со огромно долгогодишно работно искуство во областа на јавните набавки.